library(metathis)
meta() %>%
meta_description(
"Истражување на тема „Отворени податоци за отворена иднина“, поддржано од програмата Цивика мобилитас."
) %>%
meta_viewport() %>%
meta_social(
title = "“Отворени податоци и граѓанскиот сектор во Северна Република Македонија”",
url = "https://slobodensoftver.github.io/opendata-gs/",
image = "https://github.com/SlobodenSoftver/opendata-gs/blob/master/photos/banner-photo-ogp.png?raw=true",
og_type = "article",
og_author = c("Маријана Јанческа", "Игор Добросављевиќ"),
twitter_card_type = "summary",
twitter_creator = "@2cmk"
)
Вовед и методологија
Здружението за развој на слободно информациско општество „Слободен Софтвер Македонија“ Скопје спроведува проект поддржан од програмата Цивика Мобилитас под наслов „Отворени податоци за отворена иднина“. Проектот се однесува на зголемување на разбирањето и употребата на отворени податоци од страна на граѓанските организации со фокус на грантистите на Цивика мобилитас. Преку организирана обука, изработен зборник на трудови на тема отворени владини податоци и клиника за техничка помош при хаклабот Кика, граѓанските организации ќе се здобијат со знаења потребни за објавување и користење на отворени податоци. Така ќе се зголеми довербата на јавноста кон нив бидејќи ќе бидат поотчетни и потранспарентни, но и почитта и односот со јавните институции кои ќе добијат рамноправен партнер во спроведувањето на Стратегијата за отворени податоци.
И покрај постоењето на Стратегија за отворени податоци 2018-2020 и сајт www.otvorenipodatoci.gov.mk на којшто се објавени 230 податочни сетови групирани во 8 категории од 52 организации, забележливо е дека граѓанските организации во земјата слабо и несоодветно ги користат во своето работење. Дополнителен предизвик е слабиот капацитет на граѓанските организации и недостаток на ресурси да ги отворат своите податоци и да се вмрежат со другите граѓански организации од секторот со цел размена на податоци или континуираност во проучувањето на некоја општествена ситуација. Ваквата ситуација доведува до чест дискунтинуитет на проучувањата, неодржливост на проектни резултати и затвореност на граѓанските организации.
Проектот е насочен кон подобрување на ситуацијата и има за цел да направи пресек на користењето на отворени податоци од страна на граѓанските организации во земјата
Методологијата на истражувањето вклучуваше истражување на секундарни извори, консултирање на добри практики од Европа и пошироко, како и директна комуникација со граѓански организации од земјата преку структуриран прашалник.
Дефиниција на термини
Отворени податоци – Податоците се отворени доколку може да се пристапат, користат, модифицираат и споделуваат од секого за која било цел. Постои дефиниција за отворени податоци којашто вели дека тие треба да се правно отворени, односно достапни под отворена лиценца, технички отворени, односно достапни во форма за репродукција и форма што може да е прочитана од машина, и достапни сирови.
Отворена влада – Отворена влада се сметаа онаа која се труди и спроведува иницијативи за отворање на сопствените податоци.
API – Интерфејс за програмирање во апликација – Кога станува збор за податоци, ова е начин да се овозможи нивно читање директно преку Интернет. Апликацијата го праќа API-то за пребарување со барање за специфични податоци.
Анонимизација - Обработка на податоци што вклучуваат лични информации за да не можат поединците повеќе да се идентификуваат во добиените податоци. Анонимизацијата овозможува објавување на податоците без да се прекршат принципите за заштита на податоците. Главните техники се агрегација и деидентификација. Мора да се внимава да се избегне истекување на податоци што може да доведе до загрозување на приватноста на поединците.
Признавање на извор – Лиценца за податоци со која се дозволува да се користат податоците и може да вклучува и барање за припишување на изворот.
Стапка на опсег – Стапка со која податоците може да се пренесат помеѓу компјутерите. Бидејќи широчината на опсег е ограничена, апликациите имаат за цел да преземаат само минимален износ на податоци потребни за исполнување на барањето на корисникот.
Голем дел, големи количини – Податоците се достапни во големи количини доколку целата база на податоци може лесно и ефикасно да се преземе во сопствениот систем на корисникот. Спротивно на тоа, податоците не се достапни во големи количини доколку корисникот е ограничен да добие само мал дел истовремено, што значи дека треба да праќа многу барања за да ја добие дел по дел целата база на податоци.За податоците да се наречат отворени неопходно е да бидат достапни во голем дел, односно големи количини.
CKAN – ЦКАН е софтверска платформа со отворен извор за создавање портали за податоци, која е целосно изградена и одржувана од Отворено знаење. Околу 20 национални влади ја користат како официјална платформа за објавување податоци, а често е користена и од локални и научни заедници. Забележителни карактеристики се метаподатоци кои може да се конфигурираат, кориснички веб-интерфејс за издавачи и корисници на податоци, преглед на податоци, нивоа на одржување засновано врз организацијата и АПИ-то што овозможува пристап до сите карактеристики, како и пристап до податоци.
Граѓанско хакирање – Градење алатки и заедници, обично преку Интернет, кои се однесуваат на одредени граѓански или социјални проблеми. Примери може да бидат алатки кои им помагаат на корисниците да се сретнат со истомисленици на локално ниво кои ги имаат истите интереси, да пријават нарушена инфраструктура или да соработуваат во акција за чистење. Отворени податоци на локално ниво се особено корисни за граѓански проекти за хакирање.
Авторско право – Авторско право – право на авторот над своите авторски дела. Базите на податоци се сметаат за авторски дела согласно позитивните законски прописи во Република Северна Македонија. На европско ниво правната заштита на базите на податоци е уредена со Директива 96/9/ЕC на Европскиот парламент и Советот. Носителот на авторското право може со лиценца да го отстапи користењето на базите на податоци и на трети лица.
Creative Commons – Непрофитна организација основана во 2001 година. Промовира повторливи употребливи содржини со објавување на голем број стандардни лиценци од кои некои се отворени, а некои вклучуваат не-трговска клаузула. Овие лиценци може да се искористат за повторно објавување на податоците.
Податоци – Податоците може да се сметаат како необработени факти. Многу често зборот податоци се однесува на системски збирки на нумерички информации во табели со броеви, како што се табели или бази на податоци. Кога податоците се структурирани и презентирани за да бидат корисни и релевантни за одредена цел, тие стануваат информација, односно знаење.
Протокол за пристап до податоци – Систем што им овозможува на надворешните лица да добијат пристап до база на податоци без преоптоварување на ниту еден систем.
Чистење податоци – Обработка на базата на податоци за нивно полесно конзумирање. Ова може да вклучува средување на недоследности и грешки, отстранување на нечитливи делови, користење на стандардни етикети за наслови на редови и колони, интеграција на податоци итн.
Новинар што работи со отворени податоци – Способноста да се работи со податоци е сè поважен дел од алатките на новинарот. Вештините потребни за истражување и раскажување добра приказна заснована на податоци вклучуваат изнаоѓање на релевантни податоци, чистење на податоци, истражување или минирање на податоците за да се разбере каква приказна раскажуваат и да се создадат добри визуелизации.
Истекување на податоци – Доколку личните податоци се несоодветно аномизирани, можно е со нивно раздвојување или спојување со податоци достапни од други извори, да се реконструира идентитетот на некои субјекти со податоци за нив. Исто така, до истекување на податоци може да дојде поради несоодветни мерки за безбедност на податоците.
Управување со податоци – Политиките, процедурите и техничките избори што се користат за ракување со податоците преку нивниот животен циклус, односно од собирање податоци, до складирање, зачувување и употреба. Политиката за управување со податоци треба да ги земе предвид потребите на квалитетот на податоците, достапноста, заштитата на податоците, зачувувањето на податоците и др.
Достапни – Не е доволно само да се објават отворени податоци. Потребно е да се објават на начин преку којшто потенцијалните корисници лесно ќе ги најдат. Наместо едноставно само објавување на податоците на веб-страници, владите и другите големи издавачи на податоци можат да помогнат да се откријат нивните податоци со индексирање во каталози или портали за податоци.
Пет ѕвезди за отворени податоци – Систем за оценување на отворени податоци предложен од Тим Бернерс-Ли, основачот на www. За да се постигнат максимум пет ѕвезди, податоците мора (1) да бидат достапни на Интернет под отворена лиценца; (2) да бидат во форма на структурирани податоци; (3) да бидат во неслободен формат на датотека; (4) да користат URI како идентификатор; (5) да вклучуваат врски до други извори на податоци, односно да овозможуваат поврзани податоци.
Слобода на информации – Закон кај нас уреден како Закон за пристап до информации од јавен карактер, преку кој јавните тела се обврзуваат да ги обезбедат податоците што ги чуваат на барање на граѓаните, освен ако не се доверливи.
Информација – Структурирана колекција на податоци претставена во форма што луѓето можат да ја разберат и обработат. Информациите се претвораат во знаење кога се ставаат во контекст.
ОГП- Отворено владино партнерство – партнерство на националните влади што започна во 2011 година со цел промовирање на отворена влада во земјите – членки и соработка на мултилатерални договори и најдобри практики. Република Северна Македонија е дел од партнерството.
Слободен софтвер – Софтверот за кој е достапен изворниот код под слободна лиценца. Не само што софтверот може да се користи бесплатно, туку корисниците со потребните технички вештини може да го испитаат изворниот код, да го модифицираат и да работат со свои верзии на кодот, помагајќи да се поправат грешките, да се развијат нови функции итн. Некои големи софтвери со отворени извори имаат илјадници волонтерски соработници.
Сирови податоци – Оригиналните податоци објавени во форма што може да се чита од машина, што подлежат на секоја апликација, визуелизација, објавено истражување или толкување.
Повторна употреба – Ретко се случува податоците кои се собрани за една цел да немаат други можни намени. За среќа, податоците се бесконечен ресурс, штом еднаш се собере од која било причина, може повторно да се користи, на начини што никогаш не биле предвидени кога се собрани, под услов имателот на податоците да ги стави податоците на располагање под отворена лиценца.
Законска рамка
Владата на Република Северна Македонија прави напори податоците од институциите да се достапни за сите заинтересирани физички и правни лица. Првиот портал на кој беа презентирани податочни сетови од институциите беше www.opendata.gov.mk, а тие податоци заедно со нови се мигрирани на сајтот www.otvorenipodatoci.gov.mk. Податоци објавени во отворен формат на официјалните страни на институциите исто така ќе бидат линкувани до централниот сајт за отворени податоци, а потоа и мигрирани на новата платорма.
Платформата е составена од три компоненти: Модул за испраќање на податоци, Модул за централизирана организација и презентација на податоците и Модул за дистрибуција на податоци.
Преку Модулот за испраќање на податоци се обезбедува структурирање на оригиналните податоци во соодветен формат кој е прифатлив за приказ. Во Модулот за централизирана организација и презентација на податоци се чуваат доставените податоци во отворен формат и се достапни преку веб сервиси до заинтересирани субјекти што сакаат да развијат апликации со нив, додека пак во Модулот за дистрибуција на податоци се обезбедува механизам за напредна обработка, пребарување и презентација на податоците собрани од различни извори.
Целта на сајтот кој го управува Министерството за информатичко општество и администрација, е да ги ослободи податоците од владините институции во систематизирана форма. На овој начин сите заинтересирани граѓани и компании може да ги симнат и да креираат апликации, содржини, истражувања и услуги.
Република Северна Македонија го усвои Законот за користење на податоци од јавен сектор и почна да ги ослободува податоците на своите институции. Но, понекогаш тоа ослободување не е можно од причина што не сите владини институции ги исполнуваат техничките можности за податоци со отворен формат, односно не сите институции знаат како да ги пакуваат своите информации во дигитална форма. Дополнителен предизвик е што во некои институции, архивите се само на хартија.
На сајтот има посебно прикачено барање за отворање податоци, со цел да се види кои податоци граѓаните би сакале да ги видат отворени. Отворањето на податоците подразбира дека тие ќе бидат достапни во необработена форма. Доколку граѓанинот се интересира за одредена информација, тогаш може да ја добие преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Законот за користење на податоците од јавниот сектор веќе доживеа и своја измена и дополнување, а како причина за тоа на ЕНЕР беше наведена слабата практична примена на законот, отсуство за организациски и технички компоненти за отворање на податоците од страна на институциите, како и отсуство на идентификувани регистри кои содржат отворени податоци за дигитализација и развој на современи ИТ системи.
Усвоени се и се имплементираат две стратегии кои директно ја покриваат областа на отворени податоци: Стратегија за транспарентност и Стратегија за отворени податоци.
Стратегијата за отворени податоци дефинира стратешки цели за поттикнување на употребата на отворени податоци како начин да се зголеми транспарентноста и отчетноста на државните институции, да се поттикнат иновации и да се подобри квалитетот на услугите што ги нудат државните институции.
Целта на стратегијата е да создаде динамичен екосистем на отворени податоци во кој податоците се произведуваат, отвораат, збогатуваат и повторно се користат од различни чинители од јавниот, приватниот, граѓанскиот и академскиот сектор. Користењето на отворени податоци ќе доведе до подобрување на испораката на услуги и ефикасноста на јавниот сектор, зголемување на активното граѓанство и намалување на корупцијата.
Отворени податоци и граѓанскиот сектор во Република Северна Македонија
Граѓанскиот сектор во Северна Македонија беше активно вклучен во конципирање и подготовка на Стратегијата за транспарентност и Стратегијата за отворени податоци. Стратегијата за транспарентност го покрива периодот од 2019 до 2021 година и има за цел да поттикне активна транспарентност кај институциите.
Проекти насочени кон отворени податоци
Еден од поголемите проекти насочени кон користење на отворени податоци се во организација на фондацијата Метаморфозис од Скопје во рамките на мрежата ACTION SEE, каде што е организирана прва академија за отворени податоци во Скопје3.
Целта на академијата била запознавање со концептот „отворени податоци“, како и изучување на можностите за користење на отворени податоци.
Исто така, граѓанскиот сектор нуди и обуки на оваа тема. На пример, Центарот за управување со податоци нуди дводневна обука на тема „Основи на отворени податоци“4 која има цел учесниците да се стекнат со основни познавања за концептот на отворени податоци, техничките аспекти, како и користињето на отворените податоци.
Неретко се организираат и неформални средби на граѓанските организации, каде што се дискутира важноста на отворените податоци, можна соработка, итн. На пример, таков тип на настан имаат организирано фондацијата Метаморфозис и Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН)5. Покрај граѓанските организации, заинтересирани граѓани и новинари биле повикани да присуствуваат на настанот, со што се нуди можност за поголема промоција, вмрежување и можност за нови идеи на соработка.
Анкета за граѓанскиот сектор и користењето на отворени податоци
Анкетата беше спроведена во периодот од 20.7.2020 година до 31.7.2020 година. Прашалникот беше испратен до 248 организации, а добиени беа 28 одговори.
Анализа и резултати од анкетата
Анкетата содржи 20 прашања, а во прилог одговорите кои ги добивме. Според одговорите, најмногу невладини организации регистрирани во главниот град ја пополниле анкетата (13), по што следуваат Куманово и Гевгелија со по две организации.
Анкетата ја пополнила и по една организација од следниве градови: Тетово, Ресен, Берово, Кавадарци, Кратово и Струмица. Петмина од анкетираните одличиле да не одговорат во кој град е регистрирана нивната невладина организација.
При пополнување на анкетата, анкетираните има можност да одберат повеќе тематски области во којшто работат земајќи предвид дека ретко која невладина организација има доволно стабилни финансиски извори за да се стационира само во едно поле на дејствување.
Од 28 организации коишто ја пополнија анкетата, 23 имаат сопствена веб страница, додека 5 немаат веб страница. Но, затоа сите имаат профили на социјалните мрежи.
На прашањето „Дали објавувате годишен наративен извештај?“ добивме 20 позитивни и 7 негативни одговори. Една организација не го одговорила прашањето. Освен дали објавуваат годишен наративен извештај, организациите беа запрашани и дали објавуваат годишен финансиски извештај. 19 организации, односно 67.9% од анкетираните ги објавуваат годишните финансиски извештаи, додека 9 од нив, односно 32.1% немаат таква практика.
На прашањето дали ги објавувате вашите истражувања и публикации во формат за симнување добивме 23 позитивни и 5 негативни одговори.
Најголем дел од испитаниците, односно 14 се само делумно запознаени со концептот на отворени податоци, додека 8 од нив воопшто не се запознаени. Еден од испитаниците го одговорил ова прашање двапати.
Прашањето за што сметаат нашите испитаници дека се отворени податоци беше отворено и во прилог интегрално ви ги пренесуваме добиените одговори:
Одговор |
---|
, |
Па да бидат достапни за јавноста |
Тие што може јавност да ги користи слободно |
податоци од јавен карактер кои се достапни за секој |
/ |
податоци од јавен карактер до кои имаме право на пристап на сите |
јавно достапни податоци во формат кој може машина да го обработува |
Отворени , целосно јавно достапни податоци |
транспаретно работење |
Податоци кои се читливи во машински формат и можат да се обработуваат. |
Електронски податоци/документи во машински обработлив формат |
Транспарентност |
Објава на истражувања и реализирана работа на здружението |
Отворени податоци се машински обработливи податоци, во „необработена форма“ (на нивото од интерес), достапни во отворен формат и достапни на јавноста. |
База на податоци кои може да се најдат online |
Не сум запознаен |
Податоци кои што може слободно да се користат за различни цели |
Податоци кои се слободни за користење, вклучително и во комерцијални цели, без надомест, објавени проактивно (без претходни барања за истите), во соодветен отворен формат (во зависност од видот на податоците). |
Информации од јавен карактер добиени од официјални извори (институции) |
Податоци пристапни за граѓаните |
Претпоставувам дека тоа значи дека податоците се достапни за сите заинтересирани страни |
На прашањето колку користите официјални отворени податоци од www.otvorenipodatoci.gov.mk се виде дека ниту еден од анкетираните претставници на граѓанскиот сектор не ги користи редовно достапните податочни сетови. Од добиените 28 одговори, односно 28 организации, само 7 повремено ги користат информациите достапни на овој сајт.
Се запрашавме, организациите во Република Северна Македонија, освен податоците на официјалниот владин сајт за отворени податоци, можеби користат и други податоци, достапни на други сајтови. Одговорот е дека и тоа се случува повремено или многу малку.
Изненадува податокот дека најчесто невладините организации во Република Северна Македонија не ги објавуваат своите примарни истражувања како отворени податоци.
Најголем дел од испитаниците не се запознаени со Стратегијата за отворени податоци на Владата. Во оваа насока предлагаме надлежното министерство МИОА, да организира серија на средби со претставници од граѓанскиот сектор за нивно запознавање со Стратегијата и можностите кои таа ги нуди.
Мал е бројот на лица од невладиниот сектор што посетувале обука за отворени податоци, односно само петмина од анкетираните 28.
Изненадува фактот што и покрај малиот број на позитивни одговори на прашањето дали посетувале обука за ракување со отворени податоци, најголемиот дел од анкетираните тврдат дека имаат технички вештини да ракуваат со отворени податоци.
Од 27 анкетирани што одговориле дали би вложиле во техничко оспособување на персоналот да ракува со отворени податоци, само петмина одговориле негативно.
Прашањето „Што сметате дека ви е потребно за целосно отворање на податоците?“ беше од отворен тип и во продолжение интегрално ви ги пренесуваме одговорите:
Одговор |
---|
Да |
Не сум размислувал на таа тема |
Бидејќи нема поле за коментари, го користам ова: последното прашање е нејасно формулирано, односно таков термин не постои во методолошка смисла; дали се мисли на истражување за репродуктивно здравје (истражувачка област) или репродуцибилно истражување/репродуцибилност на истражувањето (методолошка карактеристика/индикатор за квалитет на методологијата и податоците)? |
време |
дозвола од донаторите |
Подобра информираност |
транспарентност |
доразвивање на интерни политики за отворени податоци и автоматизирање на процесот |
Не знам |
/ |
во моментот немаме потреба |
Волја, ресурси и знаење на оние каде се наоѓаат податоците. |
Поголема промоција на web страницата |
обуки и едукација |
Не го разбирам прашањето |
Човечки ресурси |
Волја на менаџментот - ништо друго. |
Изложеност на теорија и пракса од полето, обука за вработени, софтвер? ..пред се обука и знаење за сите што прават истражувања за методологија! |
Да |
На прашањето дали се случило некоја друга невладина организација да ви побара сирови податоци за користење, добивме 16 позитивни одговори, додека 11 беа негативни. Еден испитаник не го одговорил ова прашање.
Граѓанските организации во земјата се подготвени да ги споделат со други своите сирови податоци за користење. Добивме само два негативни одговори на прашањето, доколку во иднина некоја друга невладина организација ви побара сирови податоци за користење, дали би ги споделиле?
Најголем дел од анкетираните лица не се запознаени со терминот репродуктивно истражување, а добивме и еден коментар дека прашањето треба да се надополни, односно дека можеби употребениот превод не е најсоодветен.
ЕУ Стратегија за отворени податоци
Европската Комисија во 2011 година ја објави „Стратегијата за отворени податоци на ЕУ„ (на англиски „EU Open Data strategy„).
Според истражувањата на ЕК, Стратегијата треба да придонесе со 40 милијарди евра раст на ЕУ економијата на годишно ниво. Целта на Стратегијата покрај економскиот раст, е и граѓаните, приватниот сектор и граѓанскиот сектор да можат да донесуваат подобри одлуки, врз основа на отворените податоци што ќе ги добијат благодарение на оваа Стратегија (European Commission).
Податоците и пристапот до нив се сржта на дигиталната трансформација. Пристапот до податоците, и нашето знаење како да ги (ис)користиме податоците се еден од главните предуслови за поголем економист раст и иновација.
Eвропската Стратегија за отворени податоци има за цел да го обедини пазарот на податоци на европско ниво, со што ќе ја зајакне компетитивноста на Европа на глобално ниво. Стратегијата предвидува и контрола на поединците и правните лица кои ги генерираат податоците, со цел да се запази нивната веродостојност.
Главните придобивки кои ЕУ Стратегијата за отворени податоци се стреми да ги постигне се: (European Commission, 2020):
- Побезбеден и поеколошки сообраќаен превоз;
- Намалување на трошоците за јавни услуги;
- Можност за развивање нови продукти и услуги;
- Одржив развој и енергетска ефикасност.
Приватниот сектор, индивидуите и организациите ќа имаат повеќе достапни податоци што е важен фактор за поголема иновативност. Тоа се однесува и на наведените теми горе, но и на многу други теми од нашето секојдневие. ЕУ Стратегијата за отворени податоци редовно се ажурира и сите иницијативи од 2002 година се јавно објавени.
Во склоп со ЕУ Стратегијата за податоци од 2012 година функционира и веб сајтот за отворени податоци на европско ниво https://data.europa.eu/euodp/en/home.
Европскиот портал за податоци (ЕДП) има за цел да обезбеди достапност до податоците низ цела Европа. До денес, порталот е достапен на 18 јазици и вклучува бази на податоци од 34 земји. Порталот е планиран како база што ќе расте, во зависност од обезбедените метаподатоци од националните портали за податоци.
Добри практики од соседството и Европа
Владите во европските земји промовираат отворени податоци и нивното користење, но пред да навлеземе во таа тематика, краток преглед на тоа колку владините информации од јавен интерес од европските држави се објавени јавно и се отворени податоци. Според Глобалниот Индекс на Отворени Податоци „Global Open data Index“ земјите од ЈИЕ се наоѓаат на најниско по рангирање, т.е. имаат најмалку достапни отворени податоци.
Во прилог табела 1 од ГИОП, со селектирани држави од ЈИЕ како и првите 3 земји со највисоко рангирање и резултат:
Држава | Ранг | Резултат во % |
---|---|---|
Тајван | 1 | 90% |
Австралија | 2 | 79% |
Велика Британија | 2 | 79% |
Словенија | 28 | 49% |
Грција | 35 | 46% |
Бугарија | 36 | 45% |
Србија | 41 | 41% |
Хрватска | 44 | 39% |
Турска | 45 | 37% |
Албанија | 47 | 36% |
Црна Гора | 49 | 35% |
Северна Македонија | 52 | 31% |
Босна и Херцеговина | 58 | 26% |
Косово | 58 | 26% |
Табела 1: Рангирање на отворени владини податоци на глобално ниво
Source: https://index.okfn.org/place
Како што може да видиме од табела 1, БиХ и Косово имаат најнизок резултат и се најниско рангирани во Европа, а потоа следува РСМ со 26%. Највисоко рангирана во Европа е Велика Британија, која се наоѓа на второто место заедно со Австралија, позади Тајван. Од регионот најдобро рангирани се Словенија на 28 место и Грција на 35 место.
Македонската влада треба да ги има предвид овие податоци и да иницира употреба на отворени податоци, односно да споделува информации кои се од јавен карактер и интерес, не само за РСМ да биде подобро рангирана и да биде во тек со европските држави и регионот, туку и за постигнување побалансирано и поинформирано општество.
Граѓанскиот сектор треба да биде поактивен во употребата на отворените податоци како и нивното промовирање, и да претставува пример за приватниот сектор за објавување на отворени податоци.
Заклучок и препораки
Покрај зголемување на достапноста на отворени податоци од страна на граѓанскиот сектор, Владата на РСМ и приватниот сектор, препорака за РСМ и за земјите во регионот е отворените податоци да бидат и дигитално потпишани. Според истражувањето за отворени податоци на Западен Балкан (Stojkov, Gostojić, Sladić, Marković, & Milosavljević, 2016), еден од најголемите недостатоци се дигитално потпишаните отворени податоци. Ова претставува поголем проблем кога доаѓаме до автоматизирано компјутерско читање. Повеќето од податоците се во ПДФ или Ворд формат што не се препорачливи формати за компјутерско процесирање.
Многу е важно да се има деловен план и јасна структура на управување, кој и што прави за да не се создаде вакуум. Ако сакаме порталот за отворени податоци да ја исполни својата цел, мора да ги вклучиме во процесот ресорните министерства, општините и крајните корисници на податоци. Без нивниот ангажман, нема да може да се решат специфичните предизвици.
За процесот навистина да функционира, назначениот координатор мора да има т.н. одврзани раце да презема мерки и одговорности. Добро би било на самиот портал да стои финансиска структура на проектот, крајните корисници да добијат слика за тоа колку сајтот чини, а колку заштедува од државниот буџет. Тука треба да се наведат и финасиски средства кои се трошат за ажурирање на сајтот, негово надградување и обука за контакт лицата од ресорните министерства и/или општините.
Доколку нема активна заедница што ги користи отворените податоци, администраторите на порталот нема да имаат мотив за ажурирање на податоците. Потребен е притисок од корисниците за да се овозможи константна проверка на податоците, дали се со висок квалитет и дали тековно се објавуваат. Така што, првично, потребна е едукација за важноста од отворени податоци и придобивките од нивното користење.
Доколку нема средства и методи за набљудување и спроведување на стандардите за квалитет на објавување, откривање и навременост, тогаш порталот нема да создава постојани корисници.
Искуството од терен покажува дека многу често тимот што го координира порталот нема потребни овластувања да ги спроведуваат стандардите за квалитет на податоци и да бараат објавување на клучни пакети со податоци од други тела на јавниот сектор.
Позитивните придобивки од соодветно функционирање на портал за отворени податоци се многубројни: зголемени приходи од општ данок од зголемена економска активност; усогласеност со регулативата; усогласеност со општата стратегија за зголемување на дигиталната економија; усогласеност со општата стратегија за отворена влада; оперативни ефикасности и подобрени услуги во јавниот сектор.
Библиографија
European Commission. (н.д.). Повратено од http://www.iprhelpdesk.eu/news/eu-commissions-open-data-strategy
European Commission. (2020, February). Повратено од https://eur-lex.europa.eu/legal-content/EN/TXT/PDF/?uri=CELEX:52020DC0066&from=EN
Stojkov, M., Gostojić, S., Sladić, G., Marković, M., & Milosavljević, B. (2016). Open Government Data in Western Balkans. Повратено од https://pdfs.semanticscholar.org/0491/9342ddcb76af18b1d373f670e88c6ef17465.pdf
Стратегија за отворени податоци. Повратено од https://mioa.gov.mk/?q=en/node/2378
Open Data World Map. Повратено од https://opendatainception.io/
Open Data Dictionary. Повратено од https://www.sciencedirect.com/topics/computer-science/data-dictionary
Open Data Glossary. Повратено од https://opendatahandbook.org/glossary/en/
Стратегија за транспарентност на Владата на Република Северна Македонија. Повратено од https://vlada.mk/sites/default/files/dokumenti/strategii/strategija_za_transparentnost_mk.pdf
„Оваа публикација е изработена како дел од проектот „Отворени податоци за отворена иднина“, поддржан од програмата Цивика Мобилитас, а спроведен од Слободен софтвер Македонија.
Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на Слободен софтвер Македонија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат“.